Штом го ќе го вратат од градинка, уредно си ги мие рацете пред да седне да поруча, си го подготвува домашното, ја става тетратката во ранецот, грижливо си подготвува сендвич за по пат, се поздравува со дедо си и тргнува кон дома. Штом стигне, веднаш ги вади белешките од ранецот и ги става во патничката торба, во која става и облека, несесер со паста за заби и пена за бричење, ја пали колата и тргнува кон железничката станица. Купува цигари, вади карта и зачекорува бавно кон пероните. Чека долго време, но најпосле влегува во воз. Во купето го обвива топлина и тој задремува. Штом возот најпосле застане, две девојчиња трпеливо го чекаат да се спушти по стрмните скалила, за да можат и тие да слезат. Зачекорува со болка во нозете, фаќа такси и тргнува кон старечкиот дом. На оддалеченост од околу сто километри, додека неговата ќерка го полива цвеќето, неговиот внук гледа збунето во една неопределена точка и не знае што чувствува. Само што му јавија дека починал дедо му. Ненадејно.
Прв пат ја сретна во малечкото комбе што требаше да ги однесе до хотелот. Од хотелот требаше да одат директно во музејот, каде што требаше да ги прочитаат по еден свој краток расказ пред двочленото жири на фестивалот за млади книжевни автори. Возењето во тесното комбе траеше невообичаено долго, но тие толку уживаа во разговорот што не ни помислија на патот. А зборуваа за сè: за животот на младите, за тоа дали може да се живее од уметноста, за сите планови што би можеле и треба да се остварат, за работата, семејството, за минатите патувања... Кога стигнаа беше доцна. Хотелот беше во предградието, а некои деца ги беа искршиле уличните светилки, па едвај се препознаваа во мракот. Се симнаа преморени и се упатија кон багажот, но возачот вешто ги пресече: „Дозволете, јас... Освен тоа, веќе доцниме.“ Ги зеде куферите и зачекоре кон влезот, а тој и таа со бавен чекор се упатија зад него. Штом влегоа во салата, организаторот им се приближи, им посака добредојде и ги замоли да побрзаат.
По неколку минути и тој и таа седеа на столчињата, и збунето гледаа пред себе – де кон своите збрчкани дланки, де кон децата што пред нив ги читаа своите кратки приказни. |
Кратки расказиЗбирката кратки раскази содржи десет циклуси од по пет раскази. МесециЦиклуси
All
|